|
Културен туризам
БЕРОВО ВО АГЕНДАТА НА СВЕТСКА БАНКА
Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ
Фотографија: Марко ГЕОРГИЕВ
За оние кои имаат макар и мали познавања
за живиот живот на монасите во манастирите, аргументите за
одредени резерви на црковните лица во однос на проектот "Развој
на општините преку културата" се сосема разбирливи, зашто
инаку сосема би се изгубила смислата за вклучување на манастирите
во овој проект - ќе се изгуби целата мистика. Оние кои очекуваат
дека во манастирите ќе можат да "тераат" одмор, да пијат "манастирска"
и да јадат "монашки кебап" ќе мора тоа да го прават на друго
место, во некои други епархии, каде што - за жал - го има
и тоа.
Сепак, нагласуваат нашите соговорници, "ние нема да го кочиме
развојот на општината, доколку ова е начинот за нејзиниот
просперитет".
Иницијативата на Владата на Република Македонија
(Министерството за култура, како координатор на мултисекторската
природа на проектот) и на Светска банка, Берово да биде прогласено
за пилот-општина каде што ќе се тестира проектот "Развој на
општините преку културата", како дел од глобалната иницијатива
за намалување на сиромаштијата, нe натера да отпатуваме во
оваа општина во Источна Македонија, за да ги "почувствуваме"
аргументите за изборот на Берово.
Во текот на патувањето, се до село Облешево (меѓу Штип и Кочани),
неколкупати се прекорував себеси што на двапати го одлагав
заминувањето за Берово, и тоа во денови кога во цела Македонија,
па дури и во Скопје, уште во утринските часови времето беше
ведро и сончево. Токму така. Скопје го напуштивме во лесна
магла и со облачно небо, но штом го изминавме Облешево не
"пукна" сонце и ден каков што може да има само април или во
мај. Кој би рекол дека е деветтиот ден од февруари, "сечко".
Јас бев среќен поради времето, но уште посреќен беше Марко,
зашто веќе немаше никакви пречки за да направи добри фотографии.
Смирен од таа помисла, тој му се препушти на сонот, а автомобилот
ги голташе километрите кон Берово. Тогаш, поради нестрпливоста
што поскоро да стасаме до нашата дестинација, не помислив
на тоа, но еве сега треба да се каже дека на патот до Берово
лоша е единствено делницата Штип-Кочани, додека преостанатиот
дел од патот е сосема пристоен. Штом го изминавме прекрасното
гратче Виница, патот почна благо да се искачува, природата
беше навистина живописна и на неколку места имаше скромни,
но сепак задоволително уредени одморишта со извори со планинска
вода.
Од највисоката точка, пред да се спуштиме кон селото Добруништа,
триесетина километри по Виница, пред нас се "распосла" Беровската
широка котлина. Глетка како од сказна со, во далечината, во
магла потонат венец од неколку благи планински сртови, како
дел од масивот Малешевски Планини. Со овие планини кругот
го затвораат и планините Огражден и Плачковица, а подалеку,
на исток, галени од пладневното сонце, се вишнееја снежните
врвови на Пирин. 
БОРОВИ ШУМИ, КИСЛОРОД, ЗДРАВА ХРАНА
Просечната надморска височина на Беровската котлина е 800
метри, додека пак градот е на точно 825 метри. Колку за пример,
за скопјани тоа би значело како да се цело време на висината
на Водно. Туристичките локалитети, како и поголемиот број
сместувачки капацитети на она што е сега туризам во овој град,
се на околу 1000-1100 метри. Поради тоа, а и поради исклучително
високиот степен на еколошки чистата околина, оваа општина
е со најголема концетрација на кислород во Македонија. Дел
од природните богатства на општината се и водните ресурси,
од кои е создадено и вештачкото акумулационо Беровско Езеро,
кое во раскошниот природен амбиент, за многумина кои првпат
доаѓаат во Берово, како да е дел од божјите дарови на ова
место, а не дело на човекот.
Природниот амбиент, густите борови и букови шуми, нивните
потенцијали и дарежливост, направиле економскиот развој во
оваа општина, меѓу другото, да се концетрира кон стопанисувањето
со шумите. Покрај основната дејност - експлоатација на шумите,
Шумското стопанство Малешево, коешто работи како работна единица
на Јавното претрпијатие Македонски шуми, се грижи и за заштита,
одржување и пошумување на шумите. Со производи од дрво, и
тоа претежно мебел, се занимава Акционерското друштво Огражден,
а производите главно се продаваат во странство. Еден дел од
населението во општината е вработен во градежната индустрија,
а еден дел работи во рудникот за јаглен. Но, сепак, првиот
впечаток кога доаѓате во Берово е дека се соочувате со, во
поголем степен, рурална средина. Градот е мал, со околу 7,5
илјади жители, осум села во околината, на далечина од 3 до
15 километри. (Најдалеку е селото Двориште, коешто се наоѓа
на самата бугарска граница - оддалечено 22 километра.)
И повторно, заради природата и заради климата, но и заради
непостоењето на други алетернативи, што во овој случај и не
мора да има, негативен предзнак - жителите на општината им
се посветиле на земјоделството и на сточарството. Од земјоделството
најзастапени се надалеку прочуениот беровски компир, како
и тутунот и одредени видови жита. Во овоштарството доминираат
сливата и вишната.
На подрачјето на општината, во приватниот сектор, има околу
50 илјади овци и 10 илјади говеда. На традиционалните пазари
за извоз на македонски производи, како што се Југославија,
Европската унија и земјите на Блискиот Исток, се извезуваат
35.000 јагниња. Последниве години, во рамките на иницијативата
за подобрување и за стандардизирање на квалитетот на млечните
производи, неколку приватни одгледувачи на овци и производители
на сирење и други млечни производи се дел од акциите на Ленд
О Лејкс, меѓу другото, и за пласман на чудесното беровско
сирење. Во општината со мало стопанство се занимаваат само
околу педесетина лица, а околу 250 имаат регистрирано приватни
фирми за вршење на разни дејности. Наспроти овој низок степен
на развојот на самоиницијативата, во општината, како по правило
кога станува збор за "карактеристичен примерок" на македонското
стопанство, водечка гранка во индустриското производство е
текстилната индустрија. Во неколку погони во општината работат
околу 900 беровци, што е најголем процент од вработеното работоспособно
население, коешто изнесува 4.930 лица од вкупно активните
7.590 жители. Невработени се 2660. Во Берово и во околината
живеат 14.180 жители. Вкупната вредност на извозот во индустриското
производство на општината изнесува околу 7.000.000 германски
марки годишно.
Сите овие бројки и податоци, сепак, го ставаат Берово во редот
на неразвиените општини. Но, истите овие податоци, како и
оние другите што се однесуваат на туристичките потенцијали,
културно-историското и црковното наследство, ја промовираа
оваа општина во пилот-локалитет за проверка на можностите
на проектот "Развој на општините преку културата" кој Светска
банка го понуди како модел за намалување на сиромаштијата,
со фонд од 5.000.000 долари за проекти коишто треба да се
реализираат за време од 4 години.
СВЕТСКИТЕ БАНКАРИ ЗА БЕРОВО
Веднаш треба да се каже дека овој проект, иако вака насловен,
не се потпира само и исклучиво на културните активности, но
за тоа подоцна. Значи, основната развојна цел на проектот
е да се воспостават услови коишто ќе помогнат во намалувањето
на сиромаштијата и за поголем и побрз социоекономски развој,
со што би се активирал еден од најобемните ресурси на земјата,
а со тоа и на општината Берово и на сите оние кои подоцна
ќе бидат опфатени со проектот - културното богатство, во најширока
смисла на зборот. Тоа би биле само претпоставки за развој
на една сосема нова индустрија кај нас, а толку позната и
експлоатирана во светот, базирана на културата, на локалните
егзотики во занаетчиството, локалниот туризам и на природните
убавини и потенцијали. Во нашиот случај или, поточно, во случајот
на Берово, тоа значи почеток од нула, пред се во раководењето
и во маркетингот со овие ресурси.
За да се започне здраво со реализација на проектот, и на координаторот
на проектот - Министерството за култура, и на иницијаторот
и финансиерот - Светска банка, им е сосема јасно дека како
прво ќе треба да се задоволат три генерални критериуми: прецизно
да се утврдат локалитетите и нивните содржини, како елементи
за развој; обучување на менаџмент и негово зацврстување за
работа со тие капацитети и потенцијали, како и последниот,
но не помалку важен критериум, со кој ќе се овозможи развој
на институциите на национално ниво, за да им се даде поддршка
на проектите на локално ниво. Исполнувањето на овој услов
или критеиум, сеедно, ќе биде мошне важно за, на пример, изработката
на националниот регистар на културното наследство, како и
заради легитимитет и "лиценца" на културно-историските локалитети
и ресурси.
Се разбира, за реализација на сета оваа "убавина на хартија"
се потребни пари и затоа е многу важно да се напомене дека
Република Македонија со овој проект го "брка последниот воз"
на Светска банка за кредити под ИДА-услови. Познато е дека
тоа се најповолните кредитни услови на оваа моќна меѓународна
институција (отплата на 35 години, со грејс-период од 15 години),
но исто така е познато и тоа дека нашата држава на 30 јуни
ќе ја изгуби привилегијата за добивање кредити под овие услови,
поради тоа што таа на овој датум, според критериумите на "светските
банкари", ќе го напушти друштвото на сиромашните земји.
Бркањето на овој термин е единствениот прашалник во целата
оваа операција и тој, во зависност од тоа кој го брка, е поголем
или помал. За Светска банка тој датум дури и не е прашалник,
затоа што парите се таму, а дали апликантите ќе стигнат навреме
или не, тоа не зависи од нив. Тие уверуваат дека ќе направат
се што е во нивна надлежност и компетенција: обуката за аплицирање,
вреднувањето и оцената на проектите на кандидатите ќе бидат
во рамките на роковите. Министерството за култура, како владин
ресор кој е на чело на Управниот одбор на проектот (министерот
за култура Ганка Самоилова Цветанова е Претседател на УО),
исто така уверуваат дека тие, како "алка" меѓу финансиерот
и локалната самоуправа - како апликанти и носители на проектот,
исто така навреме ќе ги исполнат своите обврски. Во конкретниов
случај - Берово, пилот-општината во проектот "Развој на општините
преку културата", е градоначалникот Драги Топаловски (СДСМ).
За него овој проект е добредојден и е прифатен со раширени
раце, но големиот број непознати создава недоверба во поглед
на исполнувањето на роковите. Како и да е, во општината "под
полна пареа" се работи на подготовката на проектот. Во убавата
зграда на општината (сигурен сум не беше наместено) ги затекнавме
Градскиот архитект, Лилјана Арнаутовска и секретарот на Советот,
Виолета Милчовска, како работат на подготовките на документацијата,
по инструкциите добиени претходниот ден, на состанокот на
Работната група за имплементација на Проектот во Скопје. По
кусата средба со нив, тргнавме во прошетка низ Беровската
општина, во придружба на нашиот љубезен домаќин Драган Трпевски,
вработен во Советот на општината.
ВИРТУЕЛНО БЕРОВО
Првата цел на еднодневната прошетка низ Беровската општина
беше околината на Беровско Езеро и Рекреативниот центар Малешево
(60 кревети во сосема пристојни бунгалови, по цена од 800
денари за полн пансион). Иако е бош период, најмногу поради
тоа што годинава речиси немаше снег, природата не може да
го скрие својот раскош и штом ќе дојдете ви станува јасно
дека сите годишни времиња - зимата, пролетта, летото и есента
имаат свое руво за оваа убавица. Непосредно до Детското одморалиште
(240 кревети, 400 денари полн пансион) на врвот од ридот,
дури и во февруари, се протегаат благите и бескрајни зелени
ливади, на коишто тука-таму пасат стада овци. На овие ливади
треба да биде поставен, сега засега, најмалку еден ски-лифт,
со надеж дека "зими" како оваа годинешнава ќе има, ако не
ич, тогаш колку што може помалку. Од некои места од оваа височинка
има величествен поглед на езерото, чиишто бранчиња од тивкиот
ветар си поигруваат со зраците на топлото зимско сонце. Од
двете страни на езерото наскоро ќе бидат утврдени и обележани
веќе постоечките, но сепак немаркирани патеки, кои освен како
трим-патеки ќе се користат и за рекреативно пешачење. Ќе бидат
потребни уште малку напор и волја за тие патеки да се поврзат
со неколку благи планински врвови и да станат вистински предизвик
за маунтејнбајкерите. Тоа е сугестија на Марко, кој има искуство
во овој спорт и неговото око веднаш ги препозна потенцијалите
што ги нудат овие убави планини за оваа модерна рекреативна
активност. Нашиот домаќин Драган рече дека оваа сугестија
задолжително ќе му ја пренесе на општинскиот тим кој работи
на овој проект.
Следното запирање е викенд-населбата Абланица. Во оваа населба,
со околу 100 убави викендички, се потенцијалните нови сместувачки
капацитети, кои (заедно со оние во градот) треба да изнесуваат
околу 1.200 кревети. Тоа претпоставува дека општината ќе треба
да организира формирање на Биро за сместување, кое - самостојно
или како дел од дефинитивно неопходното Туристичко биро -
ќе работи на организирано сместување на гостите.
Се враќаме назад кон градот и веднаш на влезот скршнуваме
десно и се искачуваме на ридот над Берово, каде што е атрактивниот
објект - мотелот "Ловен дом". По кусото уживање во панорамата
на градот и на Беровската котлина, којашто се простира одовде
па се до планината Плачковица, се сместуваме во пристојниот
ресторан, инаку едно од најатрактивните места за гурманите
од општината, како и за нејзините гости. За беровската кујна
воопшто не треба да се зборува, таа треба да се вкуси, а додека
се мези чудесното беровско сирење започнуваат "истинските
ловечки приказни, со кои се отвораат перспективите за спортскиот
лов, како и за риболовот на Беровско Езеро и на Брегалница.
Сега е време за договорените средби со неколку беровски домаќинства
кои с# уште негуваат неколку традиционални стари занаети.
Првата посета ја правиме во куќата на Голуб Чамовски, копаничар,
кој занаетот го презел од својот татко. Иако не можевме да
се запознаеме лично со него, бидејќи беше заминал да го постави
иконостасот во една црква во блиското село, неговата мајка
ширум ни ги отвори портите од куќата и ни покажа неколку резби
на нејзиниот син. Со истиот занает се занимава и Ѓоко Поповски,
кого го затекнавме како забрзано го завршува мотивот "Свети
Ѓорѓи ја убива ламјата" во длабока резба. Во старите занаети,
како дел од Етно-паркот предвиден со проектот, се вклучени
и ковачките работилници на уште (само) неколкумина беровци,
како и старата Кафтанска воденица, во којашто работи, тогаш
кога постарите не се тука, и најмладиот од семејството Кафтански.
Се предвидува дека Проектот ќе го помогне одржувањето во живот
на сите овие занаетчии и дека, сепак, ќе биде сочувана нивната
автентичност, за да ја предизвикаат туристичката љубопитност.
Се разбира на Берово, за жал, му недостигаат и неколку традиционални
туристички форми, како што се веќе споменатото Туристичко
биро, потоа некоја скромна, но добро опремена галерија, како
и неколку мали продавници за сувенири, за да се понесе нешто
за спомен. Проектот предвидува реализација на сите овие објекти,
но не ќе беше лошо да имаше барем нешто.
КВЕЧЕРИНА ВО МАНАСТИРОТ
Денот ни завршува во манастирот Свети Архангел
Михаил, што се наоѓа на крајот на градот, покрај главната
улица којашто води кон езерото. Божествено вдахновената архитектура
на манастирите е таква што веднаш штом ќе влезете во манастиркиот
комплекс, светот надвор е веќе многу далеку. Така беше и сега.
Веднаш зад портите на манастирот Свети Архангел Михаил не
пречека таинствениот мир, иако - како што веќе реков - тој
се наоѓа покрај главната улица на градот. Таму не дочека бескрајната
љубов на сестра Макрина, игуманија на манастирот. Таа не е
многу одушевена од проектот "Развој на општините преку културата",
во кој е вклучена и Македонската православна црква со нејзините
објекти, и тоа - за оние кои ги познаваат работите - со право.
Таа, како и нејзиниот духовник, владиката Наум, во чијашто
епархија спаѓа овој, како и другиот беровски манастир Света
Богородица, и претставникот на МПЦ во УО на проектот, архимандрит
Килмент, сметаат дека сега, во моментот кога заживеаја манастирите
со монашки живот и со светлината на кандилата, постои опасност
туристите повторно да го нарушат, па дури и да го оневозможат
духовниот живот во нив, којшто е, пред се, посветен на молитвата.
Поради тоа, сметаат тие, посетителите на манастирите ќе мора
да се придржуваат до редот (типикот) на манастирите. Во беспрекорен
ред и со духовен мир тие ќе можат да присуствуваат на литургиите;
во ограничен број, можеби, и на некое организирано предавање
за православието, како и да видат како се врши иконописувањето.
Се друго, што е надвор од редот на манастирот, како и надвор
од догмите на православието, нема да биде допуштено. Сепак,
нагласуваат нашите соговорници, "ние нема да го кочиме развојот
на општината, доколку ова е начинот за нејзиниот просперитет".
За оние кои имаат макар мали познавања за живиот живот на
монасите во манастирите, аргументите на овие црковни лица
се сосема разбирливи, зашто инаку целосно би се изгубила смислата
за вклучување на манастирите во овој проект - ќе се изгуби
целата мистика. Оние што очекуваат дека во манастирите ќе
можат да "тераат" одмор, да пијат "манастирска" и да јадат
"монашки кебап", ќе мора тоа да го прават на друго место,
во некои други епархии, каде што - за жал - го има и тоа.
Навистина е така. Се си има свои правила, па така и овој проект.
Убавата замисла нема да успее, доколку навреме не се подготват
пред се оние кои тоа најмногу ги засега, а тоа се општините
од типот на Берово. Пред Берово и беровци сега е исправен
еден сложен предизвик - да ја искористат шансата којашто може
повеќекратно да им врати на сегашните и на идните генерации.
Исто така - како модел - од нив ќе зависи дали ќе ги поттикнат
и другите на сличен чекор, бидејќи бројот на општините коишто
имаат потенцијали за тоа е навистина голем. Зошто, на пример,
неверојатната и недопрена природа на општината Конопиште не
би се одважила на еден сличен чекор? Јас знам дека еден од
следните кавери на Форум и без тоа ќе биде овој природен резерват
во нашата држава, редок по своите убавини и специфики.
 
Легенди и преданија
БЕГОТ ШТО ЈА САКАШЕ ПОПОВАТА ЌЕРКА
Составен дел на туризмот од овој тип се и
легендите и преданијата. Тие се најчесто поврзани со некои
локални настани, објекти и места и секогаш, од раскажувач
до раскажувач, се дополнувани и "украсени".
Приказната за манастирот Свети Архангел Михаил раскажува дека
некаде околу 1820 година беровци, на чело со својот поп, се
појавиле пред турскиот бег и побарале да изградат црква. Бидејки
Турците османлии не биле ригидни во репресиите кон каурите,
бегот дал согласност беровци да изградат манастир, но поставил
три услови: манастирот да биде изграден за 40 дена; откако
и ако биде завршен манастирот, ќерката на попот да биде предадена
во неговиот харем; и манастирот да биде вкопан во земја, односно
да не биде над висината на патот. Беровци, откако поразговарале
со попот заради вториот поставен услов, се согласиле. Се собрало
младо и старо и работеле дење и ноќе. Манастирот бил завршен
во предвидениот рок и тоа вкопан вземи. Ноќта, пред да биде
осветен манастирот, поповата ќерка скришно му се придружила
на еден карван кој одел за Солун. Бегот се вдал во потера,
но итрата попова ќерка, кога карванот пристигнал на бреговите
на Дојранско Езеро, се фрлила во езерските води, но не се
удавила, туку се сокрила во шамакот. Кога бегот го пристигнал
карванот му било кажано за трагедијата на младата девојка
и тој се вратил назад, а девојката по некое време се вратила
и се омажила за некое момче од беровските села и скришум,
без да дознае бегот, си го проживеала својот живот.
Извор:
http://www.forum.com.mk/Arhiva/Forum77/coverstory/coverstory.htm
|